Нема најави за некаков евентуален договор меѓу пратеничките групи за новиот Изборен законик. Координаторите утре повторно ќе седнат на заедничка маса, во нов обид да постигнат договор и со тоа да го усвојат законското решение пред новиот рок што го постави Европската унија за постигнување уште еден чекор од Реформската агенда. Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека тој е за гласање на дијаспората, доколку државата обезбеди тајност на гласањето.
„Принципиелно јас сум за електронско гласање на дијаспората, и дури сум тоа да се овозможи и во земјава. Со овозможување електронско гласање на дијаспората ќе го постигнеме начелото дека секој граѓанин да има право на глас, но доколку државата е подготвена да обезбеди тајност на гласањето. Мора да се има добра волја и разбирање бидејќи за овој закон потребен е консензус од партиите и не е добро да се останува во ровови или во исцртување црвени линии.“, рече Гаши.
Од СДСМ велат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да се откажат од, како што велат, манипулациите и злоупотребите на над 200 илјади гласови од дијаспората.
„Опасно и загрижувачки е тоа што ВМРО категорично одбива ДИК, со консензус, да ги регулира процедурите за гласањето на дијаспората. Од што се плаши власта? Ако навистина нивната цел е фер и демократски изборен процес, тогаш зошто бегаат од механизам што обезбедува контрола, доверба и согласност меѓу сите политички чинители? Но, вистината е дека нивната цел не е подобар изборен процес, туку отворање простор за изборен инженеринг и манипулација“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Премиерот Мицкоски вчера со отворена понуда до опозицијата дека е подготвен да прифати една изборна единица како и барањето на Левица за зголемено финансирање на кампањата за помалите партии, доколку се прифати Изборниот законик во кој ќе се предвиди електронското гласање на дијаспората. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики до опозицијата дека намерно го кочат донесувањето на Изборниот законик.
„Венко Заев и СДС се спротивставуваат на решението македонската дијаспора да гласа во што поголем број. Како ВМРО-ДПМНЕ предложивме тоа да биде по електронски пат или пак по пошта. Овој предлог беше одбиен од страна на Венко Заев и СДС затоа што кај нив владее страв за тоа дека граѓаните кои ја напуштија државата во периодот на нивното владеење, нема да ја поддржат нивната политика“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Во моментов закочена е работата и на Комисијата за политички систем, откако беа поднесени 13.500 амандмани од СДСМ и Левица, поради тоа што сите тие амандмани треба да се преведат. За сега нема ниту најава кога Комисијата би можела да продолжи да работи и дали претходно ќе чека евентуален договор меѓу партиите за Изборниот законик.
Тв21









