Министерството за здравство, преку интерна комисија, како и уште една меѓународна комисија составена од доктори кардиолози, откри дека кај 9 од 13 пациенти непотребно биле направени операции и интервенции на срце, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција.
Направена е анализа на кардиолошките интервенции кои беа предмет на стручна проверка, за тоа дали одлуките за нивното здравје се носат врз основа на медицинската потреба. Формирана беше интерна комисија од врвни експерти, составена од 9 доктори и правници и економисти, претставници на МЗ и ФЗО.
„Комисијата одржа 16 работни состаноци и темелно разгледа 20 случаи, кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции. Потоа беше формирана и меѓународна комисија од доктори од Италија, Словенија и Словенија. Тие наоди се поклопуваат со наодите на домашната комисија. Од 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно упатени на операција, кај 4 странците констатираа дека обезбедениот третман бил медицински соодветен. Кај деветте пациенти документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностиката, несогласување на ангиографски наоди и писмениот извештај. Во однос на овие случаи, странците рекле дека одредени аспекти биле под очекуваните стандарди и неповолно влијаеле врз клиничкиот исход. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции реализирани во јавни и приватни установи – Клиника за кардиологија, Државната кардиохирургија, Клиничка болница Штип, 8 Септември, Жан Митрев и Систина“, соопшти Алиу.
Овие наоди според него, се сериозни и не смеат да се релативизираат но и не смеат да се користат за нарушување на угледот на целата лекарска професија.









