СДСМ остро реагираше по пресудите во предметот „Талир 2“, со кои поранешниот премиер Никола Груевски беше ослободен од обвинението, а конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“, беше укината.
Од опозициската партија оценуваат дека одлуката претставува доказ дека, како што велат, судството и обвинителството работат во корист на власта и овозможуваат поништување на претходните судски постапки против поранешни функционери.
„Граѓаните гледаат како судството и обвинителството под контрола на Мицкоски го чистат Никола Груевски од одговорност за предметот ‘Талир 2’ и го одмрзнуваат криминалниот имот на ВМРО. По осум години, ‘Белата палата’, вредна 14 милиони евра, како и останатиот партиски имот во вредност од околу два милиони евра, повторно се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од СДСМ.
Партијата тврди дека поранешниот премиер, кој е правосилно осуден во други предмети и се наоѓа во Унгарија, и понатаму ја избегнува казната благодарение на, како што велат, однесувањето на актуелната власт.
Според СДСМ, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не презела доволно активности за екстрадиција на Груевски.
„Груевски е осуден криминалец кој не ја издржува казната во Идризово. Мицкоски не бара негова екстрадиција, а документите кои требаше да бидат испратени со месеци патуваа од една до друга институција и никогаш не беа доставени“, наведуваат од партијата.
Во реакцијата се оценува дека ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ е уште еден пример дека, според нив, правосудниот систем не функционира независно.
„Мицкоски му овозможува на својот ментор Никола Груевски да ја избегне правдата за ‘Талир 2’. Ова е свесна заштита на Никола Груевски, најголемиот симбол на криминалот и корупцијата во Македонија“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека поранешниот премиер и натаму живее во Унгарија без да се соочи со одговорност за судските постапки што се водат против него во земјава.
„Сега Груевски – човекот кој избега во Унгарија – продолжува да ужива без да се соочи со одговорност, а тоа е можно само поради Христијан Мицкоски“, стои во реакцијата.
На крајот од соопштението, СДСМ порачува дека, според нив, „вистината излегува на виделина“ и дека очекуваат да дојде „времето на правдата и одговорноста“.
Претходно, судот донесе одлука со која Никола Груевски беше ослободен од обвинението во предметот „Талир 2“, а беше укината и мерката за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“. Одлуката предизвика реакции во јавноста и меѓу политичките партии.









