Брутално семејно насилство во Центар: Жена во петти месец бременост со тешки повреди

0
382

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен државјанин на Хрватска, осомничен за кривично дело „Телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, откако брутално ја претепал својата сопруга во нивниот дом во Скопје.

Според обвинителството, насилството започнало со вербална расправија, по што осомничениот ја нападнал жртвата, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. Потоа продолжил силно да ја притиска за вратот, иако знаел дека таа е во петтиот месец од бременоста. Во еден момент ја зграбил и ја фрлил во креветот, удирајќи ѝ ја главата од ивицата. Престанал дури кога жената започнала да крвари, по што таа успеала да се засолни во тоалетот и да повика полиција и брза помош.

 

ЌЛекарите констатирале бројни повреди на главата, како и оштетување на плацентата во која се наоѓал плодот. Јавниот обвинител предложи осомничениот да му биде определен притвор.

Истовремено, Министерството за внатрешни работи соопшти дека истиот ден, на 28 август околу 16:30 часот, на Граничниот премин Долно Блаце, полициски службеници го лишиле од слобода осомничениот Т.К. (36) од Хрватска.

При гранична контрола било утврдено дека за него е распишана мерка „апси“ по барање на СВР Скопје, бидејќи неколку часа претходно, околу 9 часот, физички ја нападнал неговата 38-годишна сопруга во нивниот дом на подрачјето на Центар.