Бранителката на Дејан Јованов Деко, првообвинет за пожарот во Кочани, адвокатката Ивана Коцевска ја префрли вината врз институциите и врз музичката група ДНК.
Според неа, Деко треба да биде обвинет за небрежност, а не за тешки дела против општата сигурност, затоа што немал свест дека не исполнувал одредени услови, бидејќи ниедна институција не му го посочила тоа.
До ден денес се чудам и не можам да поверувам што се случи таа вечер. Цели 9 месеци сум во 4 ѕида, секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ. Не можам да поверувам што се случи. Јас како човек и родител, каде се собираа сите млади, и моите деца, немаше да дозволам нешто да недостасува во клубот. Зарем ако знаев дека нешто недостасува не би направил за да се обезбеди навреме? Во тој клуб пораснаа генерации и сите добро знаат како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот. Со срце и со душа сакам да изразам сочувство на сите починати, а на повредените опоравување. Ја знам нивната болка и тага, затоа што во нашата фамилија имаме и починат и повреден член. Ја носиме истата болка како и вие што ја носите. Не ми е јасно зошто Михајло е обвинет. Тој немаше никакви допирни точки со клубот. Тој има фирма за дистрибуција и беше нормален гостин во клубот како сите. Благодарам на можноста да се искажам – рече Јованов плачејќи.
Родителите бурно реагираа на неговото излагање, се вознемирија и ја напуштија судницата.









