Израелските сили се качија на неколку бродови од флотилата „Глобал Сумуд“ и ги превезоа активистите во израелско пристаниште, разбивајќи протест против блокадата на палестинската територија од страна на Израел.
Грета Тунберг е видена како седи на палубата опкружена со војници, на снимка од израелското Министерство за надворешни работи и потврдена од „Ројтерс“. Шведската активистка за климатски промени е најистакнатиот патник на пропалестинската флотила.
„Израелските војници пресретнаа меѓународна флотила која се обидуваше да достави лекови и храна во Појасот Газа. Тие се качија на бродовите кои се приближуваа кон енклавата“, соопштија организаторите на мисијата.
Флотилата, составена од повеќе од 40 цивилни бродови, носи околу 500 пратеници, адвокати и активисти, имаше план да ја пробие израелската блокада на Газа. Израелците ја започнаа операцијата кога флотилата беше на околу 90 наутички милји од енклавата. Досега се пресретнати најмалку шест брода. Објавени се снимки од бродовите „Флорида“ и „Ол Ин“, на кои се качија израелски војници. Сите членови на екипажот се однесени на копно.









