(ВИДЕО) Лажеа дека воздухот во Трубарево не е загаден – Филипче бара оставки од министрите за внатрешни и за здравство и од директорот на ДЗС

0
192

„Барам Обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите што со своето непостапување дозволија да се загрози животот и здравјето на граѓаните“, вели лидерот на опозицијата

Владата на ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека воздухот во скопско Трубарево не е загаден, не презеде итни мерки за заштита на граѓаните и евакуација на тамошните жители. Со тоа, таа е директно одговорна за труење на жителите на Трубарево и околните населени места. Ова денеска преку видеообраќање го соопшти лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, како реакција на вчерашните објавени резултати од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кои покажуваат зголемување на концентрациите на олово, кадмиум и арсен во воздухот во Трубарево по пожарот што настана во саботата во фабриката „Ф-групација“, каде гореше електричен и електронски отпад.

„Официјалните податоци, што се објавија дури шест дена по пожарот, покажуваат речиси 12 пати над дозволеното ниво на кадмиум во воздухот или 59, 1 нанограм на кубен метар, а дозволената граница е 5, како и зголемени вредности на арсен и на олово. Ова е воздухот што го дишеле нашите деца и за ова мора да има одговорност и оставки“,

кажа тој.

Според него, земјата се нема соочено со понеодгвоорна и кукавичка власт, која наместо храбро да се соочи со секоја криза, се обидува да го спасува рејтингот и да ја минимизира состојбата на терен.

 

„Со оваа власт, граѓаните се во постојан ризик зашто не можат да бидат на сигурно дека ќе бидат заштитени од која било закана“,

рече лидерот на опозициската СДСМ.

Филипче побара оставки од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и од министерот за здравство, Азир Алиу, како и од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР), Стојанче Ангелов.

„Барам Обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите што со своето непостапување дозволија да се загрози животот и здравјето на граѓаните“,

вели тој.