(Видео) Меѓу 6.000 и 8.000 години: На албанската страна од Охридското Езеро откриена најстарата езерска населба во Европа

0
305

Археолози кои ги истражуваат бреговите на Охридското Езеро во Албанија изјавиле дека се уверени оти го откриле најстарото човечко населено место изградено на брег на езеро во Европа, старо меѓу 6.000 и 8.000 години.

Истражувачкиот тим од Швајцарија и Албанија секојдневно нурка до три метри длабочина, каде внимателно вади дрвени столбови кои некогаш ги држеле куќите, пренесува „Ројтерс“. Се собираат и коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.

Според зборовите на Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, слични населби се пронајдени во алпските и медитеранските области, но населбата во албанското село Лин е за околу 500 години постара.

„Благодарение на тоа што се наоѓа под вода, органскиот материјал е одлично сочуван, што ни овозможува да откриеме со што се хранеле тие луѓе и што одгледувале“, изјавил Хафнер.

Охридското Езеро, кое го делат Албанија и Македонија, се смета за најстарото езеро во Европа, старо над еден милион години.

Староста на пронајдените остатоци се утврдува со радиокарбонска анализа и со дендрохронологија, односно мерење на годишните прстени во дрвјата. Се проценува дека населбата се простирала на околу шест хектари и дека била дом на неколку стотини луѓе, но, како што прецизира „Ројтерс“, по шест години истражување е истражено само околу еден процент од локацијата.

Хафнер нагласува дека жителите на езерото одиграле клучна улога во ширењето на земјоделството и сточарството низ Европа.

„И понатаму ловеле и собирале плодови, но основната исхрана им доаѓала од земјоделството“, додал тој.

Албанскиот археолог Адриан Анастаси вели дека за целосно истражување на локацијата можеби ќе бидат потребни децении.

„Според начинот на кој живееле, се хранеле, ловеле, рибареле и граделе, можеме да кажеме дека за тоа време биле исклучително напредни“, истакнал Анастаси.

ВИДЕО