ВО ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО – прво се запалила фирмата „Ф-Групација“, потоа пламените јазици ги зафатиле соседните објекти

0
685

Во пожарот кој изби денеска во објект на фирмата „Ф-Групација“ во Трубарево која се занимава со електронски отпад, се зафатени уште два други објекти во кои имало голема количина пластичен отпад.

Повредени лица во пожарот нема, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Додава дека од перцепцијата на терен се работи за подметнат пожар.

Денеска попладне изби тежок пожар во фирмата „Ф-Групација“, која се занимава со електронски отпад. Има два погони во скопското село Трубарево, кои беа зафатени од огнот. Исто така имаше поголема количина на пластика, кои даваа густ и црн, а верувам и токсичен чад.

Веднаш до нивните објекти се наоѓаат уште два објекти, во кои има поголема количина пластичен отпад и кои делумно се зафатени од пожарот. Нема повредени лица – рече Ангелов.

Нивна првенствена цел, како што истакна, е да не се дозволи натамошно ширење на пожарот.

– Од тие причини сите ресурси кои ги имавме на располагање во Град Скопје итно ги насочивме кон овој голем пожар. На терен се наоѓаат најголем дел од противпожарните возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, три БТР, еден хермелин, а цело време дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден ер трактор на ДЗС, кои со прецизно фрлање на водата и со специјална пена за гаснење на вакви тешки пожари, помагаат да се намали горењето и не дозволуваат ширење на огнот – нагласи Ангелов.