Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не ја исклучи можноста земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската унија заедно со Украина преку забрзана постапка, што е дел од процесот на кој се работи како дел од постигнувањето решение за прекин на војната во таа земја.
Вучиќ беше гостин во програмата на Федералната радиотелевизија на Босна и Херцеговина и рече дека границите ќе станат помалку важни ако сите земји од Западен Балкан се приклучат „на Европската унија или на некаков вид полуевропска унија“. Тој објасни дека се разработува посебен пристап како дел од мировниот договор за Украина, така што земјата ќе стане членка од 1 јануари 2027 година, што го оцени како можност за земјите од Западен Балкан кои се надвор од Европската унија.
„За тоа се борев. Не само за Србија, туку и за Босна и Херцеговина и Северна Македонија“, додаде Вучиќ. На прашањето дали таквото сценарио е реално, српскиот претседател одговори: „Не сум сигурен, но не би ја исклучил таа можност“.









