Косовската претседателка Вјоса Османи реагира на антиалбанските скандирања за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, што се одржа во Куманово на 2 август. Османи изјави дека антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и „го нарушуваат духот на соживотот и меѓусебното почитување“.
„Албанците се автохтоно население во своја земја и заслужуваат да бидат третирани со достоинство и еднаквост, исто како и секоја друга заедница“, рече Османи.
Претседателката на Косово побара од Македонија да преземе мерки и да ги казни оние што поттикнуваат омраза.
„Ги повикуваме институциите на Северна Македонија да преземат итни мерки против организаторите на овие повици, оние што се одговорни и оние што поттикнуваат и шират омраза, осудувајќи секаков облик на говор на омраза, бранејќи ги принципите на соживот и толеранција, како основни вредности на држава што се стреми кон интеграција во ЕУ“, рече Османи.
Според неа, Косово цврсто ќе го брани достоинството на Албанците, каде и да живеат.









