ГО СТАВИЛ ЗА УПРАВИТЕЛ ЗА ДА НЕ ЈА ИЗГУБИ ЛИЦЕНЦАТА ЗА „ПУЛС“

0
215

Александар Карадаковски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“, се нафатил да биде управител на фирмата „МММ кафе“ ДООЕЛ за да не му пропадне лиценцата на Дејан Јованов Деко, првообвинет во случајот, објави Плус Инфо

Денеска сведочеше таткото на Александар, Наско Карадаковски, кој рече дека син му се вратил од Скопје во Кочани зашто бил пријател со Михајло, синот на Деко. Тој рече дека Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, а за тоа дознал кога се повредил и кога отишол на лекар.

Александар од 2018 година работел во кафулето „Класик“ во Кочани. За првпат бил пријавен како редовно вработен таму во 2021 година. Кога татко му дознал дека нема здравствено, го посоветувал да се пријави во Агенцијата за вработување, но синот му рекол дека не може зашто е пријавен како управител.

Таткото почнал да го прашува зошто е управител, на што Александар му рекол дека Деко го замолил зашто „немал кого да постави, за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил.

– Тогаш многу ме изненади. Го прашав дали знае кои се одговорностите на еден управител, дали знае и дали оди во банка и води сметководство, ми рече „Не, тоа си го прават Деко и Михајло“. Мене веќе почна да ме фаќа паника и му реков да оди кај Деко и да го среди тоа. Ми рече имале уште две-три рати од кредитот, па ќе средат, но ништо од тоа – рече сведокот.