Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.









