Додека барав помош за детето, полицаец ми рече дека не е обучен за тоа – сведочеше мајка на загинато девојче во „Пулс“

0
211

Следното рочиште е закажано за 14 јануари, кога искази треба да дадат петмина сведоци на Обвинителството

Второто дете што ми го подадоа од влезот на „Пулс“ беше ќерка ми Надица. Очињата ѝ беа отворени, изгледаше како да е жива, кажа Габриела Наунова во своето сведочење на денешното рочиште за пожарот во „Пулс“.

Претходно, Габриела Наунова раскажа што се случувало критичната вечер. Во траорното сведоштво таа рече дека Надица првично рекла оти нема да оди.

„Јас со другарки бев во кафуле. Кога се вратив во 10 часот, таа не беше дома. Ја побарав, рече дека е во ‘Булевар‘ (кафуле). Ѝ кажав дека ме боли главата и ако има нешто, да ми се јави. Телефонот ми заѕвони во два и четириесет и некоја минута. Не можев да го најдам телефонот. Потоа ѕвонеше телефонот на сопругот. На телефон беше мојата пријателка Анита. Рече, дискотеката гори. Го спуштив телефонот, го зедов палтото и со сопругот тргнавме кон дискотеката. Неколкупати ѝ ѕвонев, но не ми креваше на телефонот. Сфатив дека е нешто големо“,

рече таа.

Кога стигнале кај кружниот тек, наишле на полицајци кои им рекле дека не можат да продолжат кон „Пулс“.

„Јас се симнав од колата. Видов како две лица стојат. Тоа беа Мартин и Бојата, така го викаат на прекар, од обезбедувањето на дискотеката. Едниот од нив извика – леле што направивме, не се сеќавам кој од нив. Трчав нагоре и го извикував името на Надица, надевајќи се дека ќе ја видам. Кога стигнав, видов ужас. Луѓе трчаа и врескаа насекаде. Отрчав од страната кај женските вециња. Девојчиња се држеа за решетките и викаа – воздух, дајте ни воздух. Прашав дали некој ја видел Надица. Никој не ми одговори“,

раскажуваше таа.

Повторно се вратила кај влезот на Пулс и, како што кажа, со раце почнала да го крши ѕидот за да им влезе воздух на децата, бидејќи го знаела распоредот.

„Како што кршев, некој ми подаде девојче. Целото беше поцрнето во лицето, но беше живо. Ја исправив, до ѕидот, и ја прашав дали е добро. Ми потврди, а јас се вратив кај влезот“,

кажа Наунова.