Забрана за фрлање ѓубре од 22 часот навечер до 6 часот наутро, одлучи Град Скопје – глоба од 50 евра за секој кој ќе ја прекрши забраната

0
128

Град Скопје изгласа забрана за фрлање ѓубре од 22 часот навечер до 6 часот наутро. Одлуката е донесена на денешната седница на советот, со мнозинство гласови, без советниците на Левица и за секој што не ја почитува, се предвидени казни. Образложението е да спречи создавање диви депонии околу контејнерите..

Од Градот објаснуваат дека со оваа мерка се дава правен основ на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица кои нема да го почитуваат дозволениот термин за одлагање отпад.

Претседателот на советот, Даме Димитровски при расправата го спореди Скопје со два големи града.

„Во Истанбул имаше само 15 минути дозволено време за фрлање ѓубре рано наутро. Во Токио секој вид отпад има точно утврден термин за собирање. Верувам дека кога ќе воведеме и корпи за селекција, системот ќе биде уште поефикасен“, рече Димитровски.

Но, мерката наиде и на силна критика. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, ја оцени како скандалозна.

„Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да се префрла врз граѓаните. Ограничувањето кога смеат да фрлаат ѓубре, па уште и со казни, е невиден скандал“, рече Јовановска.

Покрај забраната за фрлање ѓубре, советниците изгласаа и ребаланс на буџетот со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“.