За време на викендот почнуваат роковите за локалните избори на 19 октомври

0
219

Последни денови од годишните одмори бројат многумина наши сограѓани кои ќе се вклучат во изборните активности за локалните избори во октомври. Според информациите од Собранието, во петок или во сабота ќе бидат распишани локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври (втор круг на 2 ноември). Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично исто така за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.

ДИК, како што брифираат оттаму за МИА, со месеци наназад се подготвува за спроведување на овие осми локални избори во земјата. Веднаш по распишувањето на изборите во петок или во сабота, ДИК ќе одржи јавна седница на која согласно Изборниот законик ќе биде објавен календарот со сите рокови за избирачките дејствија, како и сите права и обврски за избирачките органи, учесниците на изборите и медиумите.

Државната изборна комисија на денешната седница ќе го разгледа и усвои Извештајот на ДИК за преземените работи согласно член 153-а од Изборниот законик, за прифаќање на остатокот од мандатот

До крајот на месецот ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата согласно податоците од Министерството за јавна администрација. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата кои ќе бидат во избирачките одбори (ИО), кои во текот на септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди, како партии односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно роковникот, треба да номинираат 14.000 членови за избирачките одбори. Составот на избирачките одбори се менува бидејќи на нивните членови им е истечен мандатот.

Општинските изборни комисии (ОИК), пак, чиј мандат трае уште една година, согласно Изборниот законик, имаат важна улога на локалните избори, бидејќи тие ги примаат кандидатските листи и ги потврдуваат, а потоа и одлучуваат по евентуални жалби, како и за приговорите за лично избирачко право.