КОВАЧЕВСКИ СО ОДГОВОР ПО КРИВИЧНАТА ЗА СЛУЧАЈОТ ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА

0
389

Наспроти аргументите на полицијата дека пред две години во својство на премиер дозволил преку седница на влада да биде основано трговското друштво, Ковачевски вели дека Владата носи колективни одлуки. Вели дека очекува истражните органи да постапат непристрасно, пишува Канал 5

„ Во текот на моето работење и како премиер и како заменик-министер за финансии секогаш сум се придржувал до законите и прописите. Се надевам дека институциите на професионален и непристрасен начин ќе ја водат целата постапка. Во текот на моето работење како премиер на ниту еден начин немам учествувано во работењето на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост. Владата работи и одлучува како колективно тело. “ – Димитар Ковачевски – поранешен премиер.

СДСМ пак гледа тенденциозност во случајот. Оценуваат дека министерот за внатрешни работи намерно го вмешал нивниот поранешен партиски лидер и премиер во случајот со Артан Груби и Перпарим Бајрами, иако се работело за друг период и случај. Обвинителството се уште нема оформено предмет за Ковачевски и мора да се почитува пресумпцијата на невиност, велат од опозициската партија.

-Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот. Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. СДСМ јасно и принципиелно кажа и повотрувам дека ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.- Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.

Според информациите од МВР, Ковачевски во својство на премиер по претходен договор со тогашниот директор на Лотарија Бајрами, на седница на Влада во март 2022 година, ја ставил и усвоил на дневен ред постапката за основање на трговско друштво Нова Државна Видео Лотарија. Од полицијата велат дека екс премиерот знаел дека согласно владиниот деловник материјалите не требало да се разгледуваат на седница, но сепак тоа се случило. Предлогот дошол од тогашниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски па МВР смета дека и тој ги пречекорил своите овластувања. Од обвинителството соопштија дека се уште се истражуваат наводите и нема одлука дали пријавите ќе бидат прифатени или отфрлени.

Извор Канал 5