Од Кривичниот суд вчера соопштија дека некои од делата на Груевски кои ги водеше поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), се веќе застарени, но повеќето се активни, а едно од нив застарува за дури 16 години.
Во моментот, против осуденото лице се активни две потерници за извршување на санкции, и тоа по пресуди познати како:
„Насилство во Центар“, со пресуда К.бр. 1904/16, за која е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21, во траење од 1 година и 6 месеци, чие извршување застарува на 10.09.2027 година; како и предметот познат како „Плацеви на Водно“, со пресуда КОК 63/21, за кој е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од 9 години, чие извршување застарува на 14.02.2043 година. Со оглед дека за истиот предмет е изречена и парична казна која не е наплатена, истата е заменета со казна затвор во траење од 180 дена, чие извршување застарува на 14.02.2027 година“, велат од Кривичниот суд.
„Во однос на предметот познат како „Тенк“, со пресуда КОК 59/17, за кој е оформен предмет за извршување на казна затвор во траење од две години (КУИКП 1807/18), ја известуваме јавноста дека извршувањето на казната е застарено на 16.10.2024 година, поради исполнување на роковите утврдени со Кривичниот законик. Со оваа пресуда Н.Г. е огласен за виновен за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијние од чл. 359 ст.2 од КЗ и осуден на казна затвор во траење од две години, која пресуда е правосилна од 4.10.2018 година. Апсолутна застареност за извршување на оваа пресуда согласно одредбите од чл. 109 и чл. 111 од КЗ, настапила на 04.10.2024 година. Поради тоа, судот по службена должност донел решение за апсолутна застареност на извршувањето на санкцијата. Дополнително, активни се и предмети во кои на истото лице му се суди во отсуство, со оглед дека не е достапно за органите на прогонот, и тоа предметите познати во јавноста како „Титаник“ и „Талир 2“, додаваат од Кривичниот суд.









