Коридорот 8 е национален приоритет за Бугарија, изградбата на пругата не е одложена, вели бугарското Министерството за транспорт и врски

0
583

Коридорот 8 е национален приоритет за Бугарија информира бугарското Министерство за транспорт и врски и нагласува дека „не ја одложило изградбата на пругата кон Република Северна Македонија“.

Тврдењето дека Бугарија ја одложила модернизацијата на бугарскиот дел, министерството за БТА го оценува како медиумска шпекулација.

– Министерството за транспорт и врски со години прави напори за развој на Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море преку Албанија, Република Северна Македонија и Бугарија. Од вкупно 1220 километри железница, повеќе од половина од нејзината должина – 747 километри, е на територијата на Република Бугарија. Од нив останува да се изградат само 2,5 километри железничка пруга – од Ѓуешево до Деве Баир (границата со Република Северна Македонија). Делот е финансиран во рамките на Програмата за транспортна поврзаност 2021 – 2027 година и ќе биде завршен согласно распоредот до 2029 година. За споредба, делницата што недостасува на територијата на РСМ е приближно 70 километри, соопшти Министерството, пренесува БТА.

Според бугарското Министерство, железничката линија Радомир – Ѓуешево е во функција и по завршувањето на делницата од Ѓуешево до Деве Баир во должина од 2,5 километри, преку прекуграничен тунел ќе може да се приклучи на мрежата на операторот на Република Северна Македонија.

Libertas.mk