Коцевски: Издадена е наредба за приведување на уште седум полициски службеници во врска пожарот во Кочани

0
301

Државниот јавен обвинител не можеше да каже дали станува збор за актуелни полициски службеници и дали се на некоја функција

По изјавата на Коцевски дадена за време на интервјуто за „Топ тема“ на ТВ Телма, со куса информација се огласија од ОЈО ГОКК од каде велат дека „во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници“

Јавен обвинител издал наредба за приведување на уште седум полициски службеници во врска со истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 61 лице, а речиси 200 се повредени.

Ова вечерва го соопшти државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека информацијата ја добил во моментот и дека во тек е приведувањето на полициските службеници.

Кажа и дека тие утре ќе бидат изведени пред јавен обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка.

Коцевски информацијата ја соопшти додека одговараше на прашање во врска со полицајците кои вечерта кога се случи трагедијата (16 март) биле во објектот во рамки на акција за откривање на дрога и присуство на малолетници.

„Во однос на полициските службеници што биле ноќта, Јавното обвинителство сè уште прибавува докази зошто отишле, по чиј налог отишле, што презеле кога се случил пожарот. Во однос на тоа кои се тие полициски службеници и што се дел истрагата , Јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, во овој момент ми јавуваат дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и во моментов истите ќе бидат приведени со тоа што утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа пред судија на претходна постапка. Што значи дека истрагата во моментов се проширува за уште седум полициски службеници“,

рече Коцевски.