Локалниот отпор посилен од концесиите – Граѓаните го запреа Казандол

0
159

По повеќегодишни протести и отпор на локалното население, рудникот „Казандол“ е завршена приказна, концесијата е укината, а државата нема да плаќа никакви отштети.

Голготата за Казандол започна во 2015 година, преку протести, референдуми и отпор, за на крај да заврши со укинување на проектот.

На 27 февруари 2015 година тогашната Влада на ДПМНЕ, ја додели концесијата за отворање рудник на компанијата „Сардич“. Оваа одлука предизвика масовно незадоволство и реакции кај граѓаните од југоистокот на земјата.

Во 2017 година, иницијативата „Спас за Валандово“ ја мобилизираше јавноста. Тогаш беа распишани локални референдуми на кои граѓаните речиси едногласно гласаа против отворање рудници.

Дел од градоначалниците од регионот не дозволија иницијативите за референдум да се најдат на дневен ред. Како пример се посочува Валандово, каде тогашниот градоначалник Николче Чурлиновски ја блокираше постапката.

Масовните протести во Валандово, Богданци и Дојран, како и локалните референдуми, испратија јасна порака, жителите не сакаат рудници.

Поради ова силно изразено јавно противење, во март 2018 година беше раскинат договорот за рудникот „Казандол“. Потоа започна постапка со арбитража, која траеше неколку години, до тековнава година.

Конечниот исход е јасен: рудник нема да има, а државата нема да плаќа отштета.