Македонија во „топ-ап“ пакетот на ЕУ – во игра се нови 100 милиони евра

0
17

Евроамбасадорот Рокас оценува дека има напредок во сите 51 реформски чекори и дека се добри основите на Изборниот законик, но повика политичките партии да постигнат консензус за преостанатите прашања. Мицкоски очекува земјава повторно да добие најдобра оцена во извештајот на Европската комисија и смета дека сè уште има време да се усвои Изборниот законик. Тој ја повика опозицијата на разговори за гласањето на дијаспората и за финализирање на реформските обврски

Реформите во земјава се забрзуваат, оцени евроамбасадорот Михалис Рокас и изрази уверување дека ќе бидат исполнети најголемиот дел од реформските чекори, додека за измените на Изборниот законик порача дека се добри неговите основи и дека е потребен политички консензус за преостанатите прашања. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека очекува Македонија повторно да добие најдобра оцена во јунскиот извештај на Европската комисија, повикувајќи ја опозицијата на разговори за усвојување на Изборниот законик и исполнување на сите десет реформски чекори.

Рокас рече дека гледа забрзување на реформите во сите 51 реформски чекор, додека во грејс-периодов работат заедно со Владата и од 10, ќе бидат исполнети девет и пол. За Изборниот законик, Рокас смета дека законот во основа е добар и оти се надева дека партиите ќе постигнат консензус. Евроамбасадорот е убеден дека земјава ќе има добри резултати, но потенцира дека Европската комисија ја прави процената.

– Ние сме фокусирани на 10. чекори што беа во грејс-периодот и што истекуваа на 30 јуни. И на овие 10 чекори мора да кажам дека навистина внимателно работевме, непосредно со Владата, со цел да ги исполниме овие чекори. Убеден сум дека поголемиот дел од работата е завршен и дека ќе имаме извонредни резултати. Како што знаете, тие ќе бидат доставени во следните 10 дена до Европската комисија, на една последна процена и крајната одлука се носи некаде во септември, но ова е навистина добар успех. Меѓутоа, во исто време ја имавме и таа редовна вежба што заврши на 30 јуни оваа година, и тука започнува тој грејс-период од една година. И со тоа имаме добар напредок, но она што е важно е дека има напредок во сите 51 чекор. Јас сум навистина сигурен дека гледам забрзување во реформите, меѓутоа, во секој случај, треба да ги почекаме последните резултати и процената на Европската комисија по летниот распуст – рече Рокас.