Министерот Тошковски демантира дека убиената Росица му барала помош преку СМС-порака

0
311

На социјалните мрежи се прошири фотографија со содржина од наводна порака испратена од Росица, а во која таа накусо му образложува низ што поминува, но истовремено бара и помош за ситуацијата во која се наоѓа. На неа не може да се види датумот на испраќање, ниту, пак, дали телефонскиот број е на министерот, бидејќи недостасуваат последните три цифри.

Според Тошковски, содржината на оваа порака не е веродостојна

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска категорично ги демантира наводите што се проширија на социјалните мрежи дека убиената Росица Коцева неколку месеци пред трагичниот настан му испратила СМС-порака во која барала помош за нејзиниот случај.

Изјавата на Тошковски е дадена по новинарско прашање за весникот „Слободен печат“ откако на социјалните мрежи се прошири фотографија со содржина од наводна порака испратена од Росица, а во која таа накусо му образложува низ што поминува, но истовремено бара и помош за ситуацијата во која се наоѓа.

„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста, а воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“,

се вели во одговорот што го испрати ПР-службата на Министерството за внатрешни работи.

На фотографијата што кружи на социјалните мрежи, со наводна порака од Росица, не може да се види датумот на испраќањето, ниту, пак, дали телефонскиот број е на министерот бидејќи недостасуваат последните три цифри.

На фотографијата со наводна порака од Росица пишува:

„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак, оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември, па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред пет дена ми ја запали колата е сè уште на слобода. Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“,

пишува во пораката, каде во продолжение е додаден и бројот на предметот во скопското обвинителство и Судот во Велес.