Утрово жителите на селото Таор во општина Зелениково беа сведоци на загрижувачка глетка – одводниот канал што се влива во реката Вардар осамна покриен со густа, необична пена во обем значително поголем од вообичаеното.
Инцидентот се случил веднаш по активирањето на пумпите за препумпување на отпадните води од системот на Скопско Поле, што веднаш го вклучи алармот кај локалните власти за можно сериозно хемиско загадување на најголемата македонска река.
Градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски, итно излезе на терен заедно со екипите на АД „Водостопанство“ за да извршат увид. Ситуацијата е потенцијално сериозна бидејќи овој систем ги собира отпадните води од широк појас кој ги опфаќа општините Гази Баба, Арачиново, Илинден и Петровец – регион каде што има и индустриски капацитети и земјоделски површини, што го прави пронаоѓањето на изворот на загадувањето приоритет.









