Државата и институциите, потенцира Мицкоски, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би имале последици за граѓаните и регионот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата не го поддржува најавениот марш на ветераните и поддржувачите на ОВК во Скопје, закажан за сабота со почеток во 13 часот, од плоштадот „Скендербег“.
Премиерот информира дека е формиран Кризен штаб што ќе ги следи сите настани поврзани со маршот 24 часа пред и по неговото одржување. Државата и институциите, потенцира Мицкоски, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би имале последици за граѓаните и регионот.
„Владата не го поддржува маршот и немаме намера да го поддржиме, но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто кое ние, граѓаните, не сакаме да се случи“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на увид во градежните активности на мултифункционалниот центар во Општина Аеродром.
Во однос на одлуката на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој е еден од водачите на владиниот коалициски партнер ВЛЕН, да го поддржи настанот, Мицкоски рече дека Меџити треба да се праша за тоа, но смета дека е под притисок на организаторите.
„Претпоставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени, што мислам дека му е погрешна одлука“,
рече премиерот.









