Мицкоски: Во здравството се пишуваат дежурства за 31 работен ден во февруари!

0
221

Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор на денешната Регионална министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност искористи слична фраза како американскиот претседател Џон Кенеди при својот инаугурален говор во 1961 година кога рече „прашајте се не што вашата земја може да направи за вас туку што вие ќе направите за вашата земја“. Слично на Кенеди, Мицкоски, во однос на зголемувањето на наталитетот и иселувањето на младите рече: „конечно треба сите ние да си го поставиме прашањето дека што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас“.

Мицкоски им порача на младите дека грешат ако „мислат дека неколку месеци некаде во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина“.

„Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Немојте да контрибуирате некаде надвор, во некои туѓи економии. Дома се гради иднината на вашата татковина“, рече Мицкоски.

Тој претходно посочи дека „не можеме ние континуирано да го трошиме системот, не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот и да бараме тој ист систем да ни враќа со најдобри политики, со најдобри услуги. Мораме да сме свесни дека системот сме ние, и каков систем ќе изградиме, така тој систем нас ќе ни врати“.

Според премиерот, не треба да се бара времена работа „некаде во некои туристички земји“, и во нив да се плаќа даноци, а истовремено во Македонија да се има бесплатно здравствено осигурување и да се критикува здравсвениот систем, односно „истиот систем којшто ние истите го измачуваме и го истрошуваме“. Како што додаде, не може незаслужено да се пишуваат прекувремени работни саати и да се троши буџетот.

„Тоа не е фер. Треба да контрибуираме во домашната економија и да го градиме домашниот систем, ако сакаме истиот тој систем да ни врати. Ако не, ќе се соочиме со оваа болна и тажна реалност“, заклучи Мицкоски.

Тој во својот говор посочи дека нискиот наталитет, иселувањето и одливот на образован кадар претставуваат предизвици кои не можат брзо да се надминат, но нагласи дека државата не смее пасивно да ги набљудува овие процеси. Според него, „наместо краткорочни мерки, Владата ќе создаде трајни политики и системски решенија“.

Тој посочи дека новата „Стратегија за демографска отпорност 2026-2046“ не претставува само формален документ, туку национална рамка за иднината на државата нагласувајќи дека идејата „најголемата сила на државата, не се ресурсите, туку луѓето“.

Како дел од стратешките приоритети, Мицкоски најави инвестиции во човечкиот капитал, образованието и здравството.

Тој истакна дека демографските промени се европско и глобално прашање, затоа конференцијата е од искучителна важност.

„Никој не може сам да ги реши овие прашања“, рече Мицкоски.