Европската иднина на Западен Балкан, демографската криза, миграцијата и глобалните енергетски предизвици диктирани од вештачката интелигенција беа во фокусот на денешната конференција на Паневропската Унија на Македонија, одржана во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање стави силен акцент на геополитичките и економските промени, предупредувајќи на опасностите од радикализмот во Европа, но и најавувајќи нова регионална иницијатива за енергетско поврзување.
Демографијата, емиграцијата и радикализмот во Европа
Анализирајќи ги демографските падови со кои се соочува Европа, премиерот предупреди дека тоа директно ја поттикнува нелегалната миграција, што пак создава плодна почва за политички екстремизам.
„Демографијата е сериозен проблем што во годините што следуваат ќе претставува предизвик за Европа и за светот, а особено за европскиот континент. Проблемот со демографијата подразбира и емиграција. Често таа емиграција е нелегална. Често таа мотивира популистички структури во општеството кои водат политика по принципот ‘catch all’ — политички структури од крајно лево до крајно десно кои се обидуваат да мобилизираат гласови и често добиваат простор на политичката сцена со радикални ставови. Тие радикални ставови создаваат радикализација во општеството. Таквата радикализација не е добра за Европа како континент. А ако не е добра за Европа, тогаш не е добра ниту за САД“, истакна Мицкоски.
Тој посочи на парадоксот каде што на Европа ѝ е неопходна работна сила, но увозот на истата носи сериозни општествени предизвици:
„Поради веќе ниското ниво на фертилитет и глобалните предизвици, Европа има потреба од работна сила – најчесто луѓе кои доаѓаат од трети земји, од други континенти, од различни култури и менталитети. Тоа носи свои предизвици и специфики. Често сведочиме насилства на улиците, пораки кои немаат никаква врска со европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме. Тоа создава радикализација, а радикализацијата води кон многу лоши времиња. Колку побрзо како континент ќе станеме свесни за ова, толку подобро ќе биде за сите нас.“









