Молкот на институциите ја поттикнува омразата во Македонија, потребни се строги санкции за националистички и расистички повици

0
147

За организациите што го следат говорот на омраза во Северна Македонија загрижувачки е фактот што не реагираше ниту еден од високите политички функционери присутни во салата каде што беа упатени навредливи и националистички повици против Албанците за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија. Експертите за политичка комуникација апелираат за нула толеранција за национализмот и расизмот. Според универзитетскиот професор Сеад Џигал, ова се непожелни манифестации на говор на омраза и нетолеранција што се повторуваат, најчесто во време на политичка тензија или во предизборни периоди, пишува Порталб.мк.

„Целта е да се диктира медиумската агенда, да се поларизира општеството со овие теми, со цел да се мотивираат и мобилизираат одредени групи на граѓани за политички и партиски цели. Таквото однесување, кое треба да се осуди во секој аспект, постепено стана дел од нашата политичка (не)култура и се третира како еден вид „легитимна“ алатка во јавната политичка комуникација, преку манифестација на лажен агресивен патриотизам и всушност национализам и расизам, што воопшто не треба да се толерира“, вели Џигал.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржа одлуката на Основното јавно обвинителство во Куманово за покревање на постапка поради националистички и навредливи скандирања.

„Ваквите скандирања предизвикуваат поттикнување и нетолеранција врз основа на етничката припадност, како што е опишано во член 319 од Кривичниот законик. Спортските трибини се уште се простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено врз етничка и национална основа. Таквиот говор, посебно кога се манифестира јавно, има потенцијал да предизвика длабоки поделби и да ја наруши меѓуетничката кохезија и има потенцијал да предизвика злосторства од омраза. На кошаркарскиот натпревар присуствуваа високи владини претставници, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и градоначалникот на Куманово и лидер на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски. Загрижувачки е што ниту еден од овие високи функционери не реагираше на навредливите скандирања за време на натпреварот. Политичарите не треба да останат рамнодушни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, бидејќи со тоа придонесуваат за поттикнување атмосфера на поделби, тензии и дестабилизација“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму прецизираат дека Хелсиншкиот комитет постојано го следи и реагира на говорот на омраза, што е еден од главните фактори што доведуваат до злосторства од омраза.

„Со години етничката припадност доминира како најчеста основа за говор и дела од омраза, а најбројните сторители и жртви се младите. Затоа веруваме дека јавната осуда е најмалку што можат да направат политичките структури и дека надлежните институции мора да ги пронајдат и казнат сторителите. Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говорот на омраза и ги повикува сите политички, спортски и општествени актери да се спротивстават на овој феномен и да поддржат една култура на толеранција, дијалог и почитување на различноста“, соопштија од Хелсиншкиот комитет