Нема да дозволам да биде извалкано моето име, истакна Бислимоски

0
150

Постапките за одземање на лиценца за било која дејност и за било кој сектор се строго пропишани во Законот за енергетика и сето тоа е преточено во Правилникот за лиценцирање. На истиот начин како што сме ги воделе постапките за компанијата која што е посочена, во истиот период се водени исти постапки, со исти рокови и за останати компании, не само во делот на секторот за нафтени деривати, туку истото го правиме и во секторот за електрична енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција, откако утринава Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и овластување.

Бислимоски потенцираше дека во РКЕ не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.

– Буквално истите постапки ги применуваме за сите сектори од областа на енергетиката. Она што сакам да го кажам е дека овие постапки се утврдувани од сериозен тим во Регулаторната комисија за енергетика. Никогаш, ама буквално никогаш, немало повластена компанија или пак компанија за која што се водени постапки спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање – рече Бислимоски.

Во однос на поднесената кривична пријава, тој рече дека ќе го следи целиот процес и ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции, уверувајќи дека нема прекршување на законската регулатива.