Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на елиминирање на Хамас во своето прво јавно обраќање откако американскиот претседател Доналд Трамп објави, како што го нарече, „конечен предлог“ за 60-дневен прекин на огнот во Газа, објави Ројтерс.
„Нема да има Хамас. Нема да има Хамастан. Нема да се вратиме на тоа. Готово е“, изјави Нетанјаху.
Трамп рече дека Израел се согласил со условите за 60-дневен прекин на огнот во Газа и го повика Хамас да го прифати договорот пред ситуацијата дополнително да се влоши.
Американскиот лидер го зголемува притисокот врз израелската влада и Хамас да постигнат договор за прекин на огнот и размена на заложници за да се стави крај на војната.
Хамас во кратко соопштение извести дека добиле предлог од медијаторите и дека води разговори со нив за „надминување на разликите“ и враќање на преговарачката маса во обид да се постигне договор за прекин на огнот.
Оваа изјава е доста кратка, но потврдува дека Хамас го разгледува предлогот и вложува значителни напори со медијаторите за започнување сериозни преговори и постигнување договор за прекин на огнот, пишува Ал Џезира.
Не постои јасен предлог на маса што би ја прекинал војната веднаш. Станува збор за 60-дневен прекин на огнот во текот на кој би се преговарало за траен прекин на непријателствата. Нема гаранции, а Хамас бараше такви гаранции бидејќи нема доверба меѓу сите страни.
Последниот пат, кога беше постигнат договор во март, Израел ја продолжи војната иако вети дека ќе продолжи со преговорите за прекин на конфликтот.









