Премиерот Христијан Мицкоски денес, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“, Коце Трајановски, остварија работна посета на инфраструктурните проекти што се реализираат во западниот дел од Коридорот 8. По увидот во градежните работи на автопатите Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, вицепремиерот Николоски нагласи дека работите се изведуваат со потребната динамика. Сите предизвици на трасата се решаваат со добра координација меѓу институциите, додека Владата му овозможи на операторот отворен работен фронт на целата траса.
„Често зборуваме за овие проекти во нашите јавни настапи, на прес-конференции, во интервјуа, сега се видливи на терен. Веќе завршивме една делница, автопатот од Тетово до Гостивар, јавноста создаде перцепција дека е автопат, но всушност е експресен пат и за прв пат ќе се гради автопат во овој сегмент. Втората делница е местото каде што сме сега. Нешто што беше незамисливо за многумина, дека некогаш ќе има автопат што ја заобиколува Стража и најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга и целиот Коридор 8. Тука пред нас можеме да видиме дека интензивно се работи на мостови, на отворање на автопатската траса, на падините, се изведуваат навистина извонредни инженерски работи. Како Влада правиме сè за да им овозможиме на градежните компании што побрзо да ги завршат проектите, а граѓаните да ги користат. Ова е исто така многу важно за БДП, горд сум што во третиот квартал од минатата година растот на градежништвото беше 21%, додека во четвртиот квартал 16,7%. Очекуваме добри резултати за првиот квартал од оваа година и континуитет во наредниот период“, нагласи вицепремиерот Николоски.









