Пензионерите и здравствените работници добиваат покачување на пензиите и на платите. Првите од утре ќе може да ја подигнат својата мартовска пензија линеарно зголемена за 2.500 денари, а на докторите, сестрите, болничарите и на другите здравствени работници платата за март ќе им биде покачена за 15 проценти.
Дека ова не е првоаприлска шега потврди премиерот Христијан Мицкоски, кој во однос на пензиите истакна дека со зголемувањето се реализира уште едно владино ветување.
– Сакам да потврдам дека од 1 април ќе почне и исплатата на линеарно зголемените пензии за нови 2.500 денари, со што, со оние првични зголемувања и ова сега, доаѓаме до оние 5.000 денари линеарно зголемување што го ветивме во првата година. Еве, за помалку од една година, за девет месеци го реализираме. Сето она што го ветивме, го испорачуваме кај граѓаните и продолжуваме да работиме за нивниот интерес – изјави Мицкоски.









