Обидите на премиерот и на Владата да ги маргинализираат и дискриминираат Албанците, како и пораките со кои се обидуваат да шират страв, според потпретседателот на ДУИ и кандидата за градоначалник на Чаир, најмногу ги загрижуваат граѓаните Македонци од оваа општина, на кои најважен им е соживотот
Тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски дека ДУИ и СДСМ подготвуваат таен план за хаос и манипулации со цел уривање на изборниот процес, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи ги оцени како последни во низата обвинувањата од страна на премиерот, а кои почнуваат да наликуваат на приказната за волкот.
Ја знаете приказната за волкот? Еднаш ќе викнете, двапати, трипати и после никој не ви верува. Мицкоски веќе една година нешто најавува. Најавуваше станови во Чаир со вооружени луѓе, па најавуваше дестабилизација, па дека ДУИ ќе прави ова, ДУИ ќе прави она, и веќе гледам дека луѓето веќе не го ни слушаат. Ниту му веруваат, бидејќи можете еднаш да изнесете една шпекулација, една лага, вторпат, третпат и после не ве земаат за сериозно“,
изјави денеска Османи од Чаир, одговарајќи на новинарски прашања.
Неговиот предлог до Мицкоски, како што додаде, е да престане со ваквиот наратив бидејќи изгледа лошо.
„Сепак е премиер и на мојата државата и важно ми е да не дава такви изјави со коишто станува несериозен пред граѓаните“,
додаде поранешниот шеф на македонската дипломатија и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир.
Според него, она што ја загрижува Демократската унија за интеграција, чиј потпретседател е тој, е тоа што државата скршнува од европскиот пат, што, како што кажа, се гледа и по тоа што веќе никој во неа веќе не зборува за преговори со Европската Унија.
„Никој веќе не зборува на тема за започнување преговори со ЕУ. Земјата скршнува во еден просрпски, во еден проруски свет. Системот на вредности се менува. Никој веќе не зборува за транспаретност, за демократичност, туку за авторитарност, за национализам“,
кажа Османи.
За креирањето на ваквата ситуација тој го обвини премиерот и Владата, кои со своите политики, како што рече Османи, се обидуваат да ги маргиналзираат и дискриминираат Албанците од државните институции и со тоа едноставно да ги исклучат од системот.









