Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 31-годишен жител на Битола, осомничен за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија. Како што соопштуваат од Обвинителството, случајот е дел од меѓународна истрага за онлајн злоупотреба на деца, што произлегол од акција предводена од Австралиската федерална полиција.
Осомничениот, кој во критичниот период бил вработен во образовна установа, од април 2024 година до 1 април 2026 година, на домашни компјутерски уреди набавувал и поседувал материјали со детска порнографија.
Постапката е резултат на предистражни дејствија спроведени во координација меѓу Јавното обвинителство, СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Акцијата произлегла по добиено известување од Австралиската федерална полиција, која спровела меѓународна операција насочена кон откривање веб-страници што служеле за незаконска дистрибуција на ваков тип содржини.









