ОЈО КОПА ПО ИЛЈАДНИЦИ ДОКУМЕНТИ ВО ЧАИР Постои сомнеж дека е фалсификувана книгата за легализации

0
680

Обвинителството отвори предмет за можен фалсификат на деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир, потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

„Предметот е оформен и веќе се преземаат дејствија на проверки“, соопштуваат од ОЈО, додавајќи дека е обезбедена обемна документација од неколку институции, меѓу кои Општина Чаир, Министерството за транспорт и врски, Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Оттаму додаваат дека во рамки на истрагата, веќе биле испрашани повеќе службени лица од општината, како и дел од граѓаните кои поднеле барања за легализација на дивоградби на територијата на Чаир. Процесот на прибирање на вербални докази сè уште трае.

По завршување на предистражната постапка и анализа на сите докази, обвинителството ќе донесе соодветна одлука за натамошниот тек на постапката.