Полицијата уапси 33-годишен велешанец кој бил креатор на ФБ страната “Библиска Македонија” и заплени 5 тегли со по 31 библиски стих во нив, објави МВР на својот веб сајт со детали за оваа религиозно-полициска операција.
Епархијата ја пријавила ФБ страницата „Библиска Македонија“ во полицијата, бидејќи според свештените лица од почетокот на годината на неа се „објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков“, а во мај почнале да продаваат лажни реликвии, тегли со молитви при што ги злоупотребувале името и авторитетот на владиката и епархијата.
Сето тоа било измама, а велешанецот заедно со неговата 26-годишната сопруга дури продавале од „теглите со молитви“ на блиски на загинатите во пожарот во Кочани. Полицијата ги привела двајцата сопружници.
Ова е еден од ретките случаи кога полицијата успеала да открие, уапси и осомничи измамници кои злоупотребуваат туѓи податоци на интернет во случаи на трговија со сомнителни предмети и препарати. Претходно, МВР не успеваше да открие кој злоупотребува податоци, видеа и изјави на доктори по медицина, политичари, новинари и други јавни личности.









