Почина Аљоша Исмаиловски – Аљо, врвниот басист на „Лева патика“

0
389

Почина Аљоша Исмаиловски – Аљо, врвниот басист кого публиката најмногу го памети како дел од култната музичка група „Лева патика“. Со својот препознатлив звук и автентична енергија, Исмаиловски остави длабок печат во македонската рок и поп-историја.

Иако неговиот музички пат вклучуваше соработка со повеќе состави, најсилно ќе остане поврзан со „Лева патика“, група што подоцна го доби името „Патика“. Во формацијата што ја сочинуваа Аљоша Исмаиловски (бас и вокал), Бошко Доневски – Чико (тапани), Драган Груевски – Груле (гитара), Гранит Таки (вокал) и Рамис Јусуфи – Цики (клавијатури), „Патика“ кон крајот на осумдесеттите и почетокот на девесеттите го сними својот легендарен албум, именуван токму по групата. Меѓу десетте песни на албумот, како посебен момент се издвојува „Неправда“ – химната што долго време немаше официјално издание, но подоцна стана еден од најголемите македонски хитови на сите времиња. Со длабока лирика и емоционална интерпретација, „Неправда“ ги обележа младешките години на многу генерации и остана препознатлив музички симбол кој сè уште се слуша и прераскажува.

Со текот на годините, членовите на „Патика“ постепено се оддалечија од музиката, секој посветувајќи се на својот личен и професионален живот. Но, нивната музика остана значајна за љубителите на квалитетниот звук.

Веста за смртта на Исмаиловски ја сподели неговата сопруга Елена, која со емотивни зборови се прости од својот сакан: „Аљо, најди го својот мир таму некаде. Продолжи да чекориш на некое поубаво место и искачи се по твоите ‘скали до ракот’ (‘Stairway to Heaven’)“.

Последното збогување со Исмаиловски ќе се одржи утре, 25 февруари 2025 година, во 14.00 часот, во Капела бр. 1 на градските гробишта Бутел во Скопје.