Почна полагањето на државната матура, годинава полагаат 14.500 ученици

0
15

Годинашното полагање на државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура започна без проблеми и се одвива во најдобар ред, оцени министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се реализира полагањето на матурските испити.

Јаневска информираше дека годинава матура полагаат вкупно 14.500 ученици, од кои над 12.000 се пријавени за државна матура, нешто повеќе од 2.000 за државна стручна матура, додека бројот на ученици кои полагаат државна уметничка матура е значително помал.

– Сè се одвива во најдобар ред и затоа сакам да им се заблагодарам и на Економскиот факултет, и на Државниот испитен центар, како и на директорката Даниела Јовческа-Михајловска, која втора година по ред успешно успева да ја спроведе оваа голема операција … Очекувам денот да заврши успешно и потоа на 11-ти и 12-ти кога ќе полагаат мајчин јазик исто така да помине сè во вака мирен и успешен ден. На учениците им посакувам успешно да ја положат матурата, да ја добијат заслужената оценка и се надевам дека дел од нив ќе го продолжат образованието на соодветните факултети, а дел ќе влезат на пазарот на трудот – рече Јаневска.

Како што истакна директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовческа-Михајловска, годинава за првпат учениците имале можност да изберат меѓу три вида завршни испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.