Претставени австриски искуства на работилница: Отпадот и неговото добро менаџирање се голем потенцијал за создавање зелени работни места

0
247

Saubermacher Austria, Saubermacher Slovenia, Saubermacher North Macedonia и Man & Mountain Skopje учествуваа на професионалната работилница „Создавање зелени работни места во Северна Македонија”, која се одржа изминативе два дена Europe House Скопје.

Настанот, организиран од Федералното Министерство за труд, социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, во соработка со Амбасадата на Австрија во Скопје, ги собра експертите за управување со отпад и високи владини претставници за да дискутираат за можностите за одржливо вработување и преминот кон циркуларна економија.

Г-дин Андреас Опелт, член на Управниот одбор и извршен директор на Saubermacher, даде детален преглед на широкиот спектар зелени работни позиции што ги нуди секторот за управување со отпад — од теренски работници и возачи, до оператори на специјализирана опрема, хемичари, истражувачи, административен кадар и менаџерски позиции. Тој го нагласи трансформативниот потенцијал на циркуларната економија, изјавувајќи дека „зелената транзиција и имплементацијата на циркуларната економија, според најновите студии на еден австриски универзитет, ќе создадат значително повеќе и подобро платени зелени работни места отколку ако не ја примениме. Екологијата ја движи економијата, а иновацијата го зајакнува домашниот пазар!”.

Г-дин Опелт ги претстави и тековните активности на Saubermacher Тетово, потенцирајќи ги придобивките за вработените, идните развојни планови и новите можности што компанијата ги предвидува во Северна Македонија. Тој ја подвлече важноста од напредување низ клучните фази на процесот на управување со отпад за да се применат принципите на циркуларната економија и да се создаде средина достојна за живеење.

Претставниците од Man & Mountain Skopje, г-дин Ханес Јекл и г-ѓа Гордана Софија, ја споделија успешната приказна за „Generalka Weekend” – најголемата еко-иницијатива во Северна Македонија, која се организира секоја година веќе пет години по ред. Тие ја нагласија важноста на соработката помеѓу сите засегнати страни – централната и локалната власт, државните институции, невладините организации и академската заедница – за подигање на свеста за управување со отпад и заштита на животната средина.

Г-дин Вајткус Жигимантас, претставник на Европската инвестициска банка (EIB), ја потврди подготвеноста на Банката да поддржи сериозни иницијативи и проекти во областа на управувањето со отпад во Северна Македонија, нагласувајќи ја стратешката важност на овие напори за одржливиот развој на земјата.

Во завршната дискусија, учесниците се согласија дека секторот за управување со отпад има голем потенцијал за создавање зелени работни места, но истакнаа дека е потребна силна посветеност и поддршка од властите, како и поблиска соработка меѓу сите чинители – вклучувајќи ги и граѓаните – за да се постигнат долгорочни еколошки и општествени придобивки.