Прикажани видео снимки како била киднапирана Вања:МАНЕВ ИЗВАДИЛ 2 ЛОПАТИ ОД „РЕНОТО“ Боре Видевски пробувал црни ракавици

0
306

На денешното рочиште за судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, беше прикажана и видео снимка од 24.11.2023, денот кога е направен обид на грабнување на Вања.

Во 03.47 часот се забележува „шкода фелиција“ која доаѓа од Велес со изгаснати светла, а ги пали светлата кога поминува покрај куќата на Велибор Манев.

На видеото се гледа дека надвор од дворот, лево, стои паркиран „мерцедесот“ на Манев. „Шкодата“ се паркира зад „мерцедесот“. Боре Видевски се упатува кон капијата, на себе ги носи истата јакна и капа. Стои, па се враќа во „шкодата“. Манев излегува од куќата, влегува во „мерцедесот“ и нешто пребарува. Потоа оди кон „шкодата“, па се враќа кон „мерцедесот“. Во 4 часот Манев влегува во куќата, а Видевски останува на улицата, држи нешто во левата рака. Во 04.01 Манев се враќа и му дава нешто на Видевски и потоа го отвора „мерцедесот“, го затвора и пак оди кон куќата. Во 4.06, додека Видевски стои на улицата и чека, Манев излегува, носи нешто во рацете и му го дава на Боре, најверојатно тоа се црни ракавици, според држењето на телото на Видевски, кој ги пробува на рацете. Двајцата во 4.07 тргнуваат пеш по улицата во насока кон Велес. Потоа во 4.26 обвинетите Манев и Видевски се враќаат пеш пред куќата. Видевски застанува пред „шкодата“, а Манев влегува во дворот, носи нешто во десната рака. Во 4.28 и тој влегува во куќата, а во левата рака носи нешто што наликува на ракавици. Во 4.29 Боре Видевски излегува, оди кон „шкодата“, па заминува десно од куќата. Манев излегува со „рено кангу“. Видевски влегува во „реното“ на совозачкото место. Во 4.31 се упатуваат со „реното кангу“ од пред куќата на Манев во насока кон Велес, а „мерцедесот“ и „шкодата фелиција“ остануваат – рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска на денешното рочиште.

На видео снимка од камерата број 7 на 24.11.2023 се гледаат двајцата откако се враќаат од Скопје по неуспешниот обид за грабнување на Вања, тврди обвинителката Стојковиќ Димитровска.

– Во 10.07 „рено кангу“ пристигнува и се паркира внатре во дворот во гаражното место. Од совозачкото место излегува Боре Видевски, оди кон својата паркирана „шкода“. Од возачкото место излегува Велибор Манев и оди во куќата. Видевски во 10.08 си заминува со „шкодата“. Во 10.12 Манев излегува од куќата, ја отвора задната врата од „рено кангу“ и вади две лопати. Ги зема со себе и влегува во куќата – рече обвинителката презентирајќи ги снимките.