Пронајдено е телото на четвртата жртва во трагичната сообраќајна несреќа кај Рашче

0
251

Од реката Вардар попладнево околу 15 часот, во близина на местото на несреќата, пронајдено е телото на четвртиот загинат во вчерашната тешка сообраќајна несреќа што се случи кај скопското село Рашче, кога автомобил „Ауди“ излета од патот и заврши во Вардар, потврди Министерството за внатрешни работи.

По наредба на јавен обвинител, телото ќе биде предадено на Судска медицина, од каде треба да се добие потврда за идентитетот на загинатиот.

– Откако од водите на Вардар беше извлечено уште едно тело на починато машко лице, патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините- се наведува во информацијата од ЈОРСМ.

Јавното обвинителство утрово соопшти дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар синоќа биле извадени три починати женски лица, за кои била издадена наредба за обдукција. Се трагаше по уште едно лице. Во автомобилот патувало и дете, кое било пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.

Директорот на Клиниката за детска хирурија, д-р Лазо Јовчески, изјави дека детето е во стабилна општа состојба, не е во витално загрозувачка состојба и наскоро треба да биде пуштено на домашно лекување.

-Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, рече д-р Јовчески.