Регулаторна утре ја крои цената – дизелот замрзнат, бензините поевтинуваат за 2 денари

0
89

Се очекува утре Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да донесе одлука со која дизелот нема да поскапи, додека бензините ќе имаат дополнително намалување од 2 денари за литар, откако денеска Владата, на вонредна седница, одлучи да се намали акцизата на овие три горива. Како што образложи премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на вонредната владина седница, со тоа ѝ е овозможено на Регулаторната комисија да ја намали акцизата за дизелот за 4 денари, односно за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денари за литар.

Моменталната акциза за дизелот изнесува 15,5 денари за литар, а за бензините е 22 денари за литар.

Тој истакна дека Владата ја продолжила мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 % до крајот на кризната состојба, односно до 20 април.

– Со овие одлуки драматично ќе се намали цената на горивата, со што се штити стандардот на граѓаните. Ако не ја намалевме акцизата, литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари – истакна Мицкоски