Робусна акција за трговците најави Мицкоски: „Срамота е ова што им го прават на граѓаните пред празниците“

0
259

Срамота е ова што трговците им го прават на граѓаните пред празниците, изјави премерот Христијан Мицкоски жестоко критикувајќи го начинот на кој беа зголемени цените на голем дел од основните прехранбени производи и покрај најавените мерки за намалување на цените на новогодишната кошничка. Мицкоски најави дека ќе бара од Државниот пазарен инспекторат да се направи анализа како се покачени цените и да извршат контроли на маркетите.

Ќе побарам од Пазарниот инспекторат една робусна жестока акција зашто добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол и така натаму, јајца и слично. Срамота е ова што го прават пред празниците кои што доаѓаат“, рече Мицкоски.

Наспроти ваквата изјава на Мицкоски, министерот за економија Бесар Дурмиши пред два дена изјави дека според него мерката се почитува и е применлива, дека Државниот пазарен инспекторат не нашол неправилности, а дека граѓаните биле задоволни. Но последните податоци од синдикатите покажуваат дека синдикалната минимална кошничка за декември е зголемена за 840 денари во споредба со минатиот месец.