Родителите на загинатите деца во „Пулс“ чекаат одговори пред Судска медицина

0
83

Дел од родителите на загинатите деца од Кочани утрово пристигнаа пред Судска медицина, каде што бараат средба со директорот.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица во трагедијата „Пулс“, на последниот протест обвини дека институциите повеќе од една година не даваат одговори за причините за смртта на жртвите, и покрај бројните барања и официјални дописи.

Побаравме јасен и недвосмислен одговор – дали биле извршени токсиколошки анализи, дали било испитувано присуство на цијаниди и што точно покажуваат анализите. Поминаа два месеци од барањето – одговор нема, рече Наунов.

Тој вели дека институциите – од Обвинителството до Судска медицина – меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата остануваат без клучни информации. Наунов потсетува на болниот процес по трагедијата, кога телата на загинатите биле однесени на обдукција во Скопје, со уверување дека ќе се утврди вистинската причина за смртта.

-Чекавме четири дена. Четири дена во кои не можевме достоинствено да се простиме од нив. За што? За денес, повеќе од една година подоцна, сè уште да немаме целосен одговор, наведува тој.

Тој отвори серија прашања за постапката: дали се земени биолошки примероци, што точно е анализирано и дали воопшто постојат токсиколошки резултати.

-Зошто се правеше обдукција ако не е завршена работата целосно? Кого штитите? Државата? Институциите?, прашува Наунов.

Тој порача и дека семејствата поставуваат и рок за одговор.

-Ќе дојдеме пред Судска медицина и нема да си заминеме додека не ја добиеме вистината, рече Наунов.