Протестите на ДУИ се политички мотивирани, а Уставниот суд ја укина одлуката за имињата на улиците во Тетово зашто била донесена без да се испочитуваат законот и процедурите, изјави денеска Беким Сали од коалицијата Вреди, актуелен вицепремиер и министер за европски прашања.
Сали појасни дека новата постапка во Тетово веќе е започната, но овој пат ќе се води строго според законските прописи.
„Одлуката за менување на имињата на улиците во Тетово од 2007 година е донесена само од страна на советниците. Процедурата не е запазена, односно не е испочитуван законот кој вели дека за таа листа на имиња што се предлагаат и ќе се гласаат, треба да има одобрение од страна на Владата. Во тоа време листата не е одобрена од Владата и така, на ноншаланнтен начин, ги менувале имињата на улиците, меѓутоа де факто и де јуре процедурата не била испочитувана. Денес, по речиси 20 години, се соочуваме со ситуација во која Уставен суд носи одлука спротивна на таа што е донесена од 2007 година. Сега веќе градот Тетово има почнато нова процедура за менување на имињата, според прописи и закони што се актуелни и во сила. И тоа менување ќе биде во интерес и на граѓаните и за почитување на благосостојбата во Тетово и другите градови. Постапката ќе биде запазена“, потенцираше Сали пред настанот со кој Вреди одбележува две години од работењето како дел од владината коалиција.
Вицепремиерот обвини дека досегашното владеење на ДУИ во локалната и централната власт се засновало на импровизации и политички договори, наместо на реални правни регулативи.
„Се што тие импровизирале во нивниот период на владеење, денес е дел од проблемите со кои се соочуваме и кои ние ги решаваме еден по еден – правосудниот испит, имињата на улиците во Тетово. Тоа покажува дека пристапот на владеењето на ДУИ во локалната и централната власт било импровизација и политички договор, не биле одлуки донесени врз основа на закон и почитување на сите правни регулативи што владеат во државата. Тоа покажува колку несериозно се однесувале кон институциите со кои управувале, да не го спомнам долгот што го наследи градоначалникот на Тетово во износ од 24 милиони евра. Значи, и правниот дел и финансискиот дел тамy беше на штета на граѓаните на Тетово и сметам дека со промената на локалната власт и со централната власт покажуваме сериозност во правното и финснсикото управување со градот Тетово. Разликата е огромна, ќе слушнете денес на на презентацијата која што ја имаме пред вас“, нагласи тој.
Во однос на шпекулациите за евентуални избори за Советот на Општина Тетово, Сали нагласи дека партијата нема страв од соочување, но смета дека приоритетите на граѓаните во моментов се поинакви.
„Ние не бегаме од никаков вид избори, зашто сметаме дека ги добиваме изборите. Сме покажале на последните локални избори дека имаме капацитет да ги добиеме локалните избори, било да се од листа на советници или градоначалнички. Меѓутоа, не сметаме дека на граѓаните им требаат избори, зашто тоа носи други околности во развивањето на градот“, укажа Сали.
Сали додаде и дека анкетите кои покажуваат предност на ДУИ се нарачани, посочувајќи дека сработеното од страна на Вреди во изминатите 24 месеци јасно ја покажува разликата со нивните претходници.









