СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е во паника оти ќе освоиме повеќе општини отколку тие во 2017 година

0
209

Според СДСМ, граѓаните јасно го поразиле и коалицискиот партнер на Мицкоски, партијата ЗНАМ, за која велат дека требало да биде „тројански коњ за делење на СДСМ“, а сега е на пат на исчезнување

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е во паника бидејќи СДСМ е на пат да освои повеќе општини на овие избори, отколку што ВМРО-ДПМНЕ успеала да освои на локалните избори во 2017 година.

Од СДСМ истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека СДСМ останува најсилна опозициска партија.

„Мицкоски е во шок од изборниот резултат, колку и да се обидува триумфалистички да ја труе јавноста со соопштенија“,

се вели во соопштението од партијата.
СДСМ како доказ за загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ го посочуваат фактот дека партијата на Мицкоски изгубила 140 илјади гласови. Тие додаваат дека доколку утре се одржат парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ би освоила седум пратеници помалку и дека „пропаднале сите планови за пасокизација на СДСМ“.

Според СДСМ, граѓаните јасно го поразиле и коалицискиот партнер на Мицкоски, партијата ЗНАМ, за која велат дека требало да биде „тројански коњ за делење на СДСМ“, а сега е на пат на исчезнување.

Партијата смета дека секојдневните соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ се обид лажно да се мотивираат нивните гласачи, но оти реалноста е поинаква.

СДСМ најави дека продолжува со својата кампања во 17 општини и ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да ги поддржат нивните кандидати во вториот круг.

Претходно денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави свои партиски анализи за резултатите од првиот круг од локалните избори, споредувајќи ги со оние на нивниот политички опонент, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).