Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку писмено соопштение ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и Владата дека се подготвуваат да ги внесат Бугарите во Уставот на државата, без тоа јасно и транспарентно да го соопштат во јавноста.
Во врска со ваквите свои тврдења од опозициската партија се повикуваат на изјава на заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој во телевизиско гостување кажа дека заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија редовно одржува средби.
„Како никој не знаеше за ова? Како се состанува, цело време веќе две години, а тоа се крие од јавноста? Што прават ако не договараат внесување на Бугарите во Уставот?“,се вели во соопштението од Бихаксќа.
Оттаму посочуваат и на изјавите на премиерот дека земјава до крајот на јуни ќе ги реши сите реформски прашања и дека наскоро од Брисел ќе стигне вест дека Македонија е рамо до рамо со Црна Гора по прашањето на европските интеграции
Според опозициската партија, сега останува само едно отворено прашање.
„Дали Мицкоски повторно ќе клекне, овој пат пред своите гласачи, молејќи за прошка? Списокот на неговите лаги станува се подолг. Лажеше дека ќе го поништи Преспанскиот договор. Лажеше дека ќе го врати името. Сите ги нарекуваше ‘бугарофили’ и ‘предавници на македонскиот идентитет’. Јавно велеше дека ‘нема отстапување ниту милиметар’ и дека ‘Бугарите никогаш нема да влезат во Уставот додека тој е премиер’. Сега, кога се подготвува да го стори токму тоа – дали е ‘мекотел’? Дали е предавник? Мицкоски за другите зборува се она што самиот е. Граѓаните јасно гледаат: тој не води држава. Тој ја води својата криминална организација и се обидува да ги сокрие сопствените лаги“









