Силно невреме во Париз, гром удри директно во Ајфеловата кула

0
21
Screenshot

Силно невреме го зафати Париз, при што гром директно ја погоди Ајфеловата кула, соопшти Француската опсерваторија за торнада и силни бури „Кераунос“.

Според опсерваторијата, во текот на вчерашната вечер и ноќта, меѓу 18:00 и 23:00 часот, низ Франција биле регистрирани дури 13.360 удари на гром, а еден од најсилните директно ја погодил Ајфеловата кула.

На врвот на познатата париска знаменитост бил измерен и удар на ветер со брзина од 104,8 километри на час, пренесува телевизијата BFM.

Најсилно погоден од невремето бил северозападниот дел на Франција, вклучително и регионот на Париз, каде што имало интензивни краткотрајни врнежи од дожд, а во одделни делови од земјата паѓал и град.

Наглиот пад на температурата во повеќе региони бил проследен со силни грмежи, многу силни налети на ветер, изразена електрична активност и град со средна до голема големина.

Според податоците на метеоролошките служби, во Франција во текот на саботата биле регистрирани 202 температурни рекорди, а на некои места температурите достигнале екстремни вредности, вклучувајќи 43,2 степени Целзиусови во Меза.