Улиците во Тетово ќе добијат нови имиња, а дел од предлозите се Скендербег, Исмаил Ќемали, Браќа Фрашери, објави ТВ21.
Од 297 улици во Тетово, само 81 имаат имиња, додека другите 216 или воопшто немаат називи или се означени со број. Општина Тетово во јануари минатата година формираше комисија која ги евидентираше улиците и сега е во фаза на отворање јавна дискусија за нивните имиња.
Претседател на оваа комисија е советникот Арѓенд Велиу од движењето Беса. Тој вели дека целта е улиците на Тетово да добијат име.
– Општина Тетово формираше комисија или работна група чија основна задача е да се занимава со промена на имињата на улиците, односно со именување и преименување на улици во градот Тетово, плоштади, паркови и некои инфраструктурни објекти. Оваа постапка започна минатата година. Уште една работна група која е фокусирана на терен, ги детектираше сите улици во градот и со конечниот извештај излезе дека во Тетово има вкупно 297 улици – изјави Арѓенд Велиу, советник од Беса.









