ССМ ја блокира Владата – бара 600 евра минимална плата и раст на другите плати за 6.000 денари

0
185
CjQKMFNuYXBjaGF0LzEzLjc1LjAuNDcgKGlQaG9uZTE2LDI7IGlPUyAyNi4yOyBnemlwKSAC

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во 11 часот ќе ја блокира Владата како дел од синдикалните активности за зголемување на платите, најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на прес-конференција.

Ова е третата најавена блокади, откако претходно беше блокирано Собранието и Стопанската комора. Работниците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 6.000 денари. Пред Стопанската комора беше испратена порака до работодавачите да се согласат да ја зголемат минималната плата и сите останати плати и да ја задолжат Владата да ги субвенционира придонесите.

Од ССМ изјавија дека понудата е на маса и доколку не наидат на разбирање ќе организираат уште еден протест и генерален штрајк.

Според најавата, блокадата ќе биде симболично спроведена од 21 синдикален претставник, што претставува законски минимум за организирање ваква форма на протест.

„Владата ќе биде блокирана од точно 21 човек, затоа што согласно Законот за јавни собири тоа е законскиот минимум за да ја блокираме некоја институција или сообраќајница“, изјави Трендафилов.

Тој посочи дека блокадата е резултат на незадоволството од тоа што Владата и работодавачите не постигнале договор за зголемување на минималната плата до крајот на 2025 година.

„Последната блокада е токму пред Владата, затоа што оваа Влада ги блокира работничките плати долг временски период. Само вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари, што значи дека едно четиричлено семејство е посиромашно за истиот износ“, рече Трендафилов.

Тој додаде дека синдикатите и работодавачите минатата година се договориле за зголемување на платите за најмалку 6.000 денари, но дека Владата не обезбедила поддршка преку ослободување од придонеси, што според него го чини државниот буџет најмалку 120 милиони евра годишно.

Претседателот на ССМ нагласи дека работниците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати, предупредувајќи дека доколку барањата не бидат исполнети, можно е да се организира генерален штрајк.

„Сојузот на синдикатите на Македонија ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк. Тој може да трае 24 часа и ќе биде организиран на територијата на целата држава“, изјави Трендафилов.

Тој додаде дека синдикатите веќе добиваат силна поддршка од работниците и најави можност за масовни протести во наредниот период.

„Веројатно, следниот период ќе излеземе 20.000 работници на улица и многу повеќе од тоа“, рече претседателот на ССМ.

Од ССМ посочуваат дека денешната блокада е дел од пошироките активности за притисок врз институциите со цел да се обезбеди зголемување на платите и подобрување на условите за работа.